Како што пишува Утрински Весник, организацијата на Македонците во Грција, Виножито, успеала да дојде до фотокопија од се уште во науката непознат буквар на кирилица, издаден во 1926 година во Грција. Претставниците на Виножито на прес конференција потврдија дека располагаат со копијата на буквар за учење македонски јазик со кирилично писмо издаден во 1926 година. До копијата дошле благодарение на пријатели и колекционери кои успеале да направат фотокопија на оригиналот кој моментално се чува во Архивот за модерна социолошка историја во Атина.
Во продолжение следи мој текст, објавен во јануари 2006, кој се однесува на Абецедарот објавен во Атина во 1925 година.
***
Мината 2005 година се навршија 80 години од објавувањето на познатиот Абецедар од 1925 година, издаден во Атина од тогашната грчка влада. Се работи за документ, или поточно, за учебно помагало за потребите на тогашните образовни програми. Абецедарот, од денешна историска дистанца, е од извонредно големо значење за македонската историографија и лингвистичка наука. Станува збор за буквар печатен на хрватска латиница и затоа наречен Абецедар, а наменет, за децата на македонското национално малцинство во тогашното Кралство Грција.
Овој документ е од извонредна голема важност како за дефинирањето на посебноста на македонската националност, уште во средината на 20-те години од минатиот век, така, уште повеќе и за фактот што тогашната грчка влада за прв пат официјално го признала постоењето на посенен македонски етникум во рамките на тогашната грчка држава.
Имено, во 1920 година Грција пред Друштвото на народите Грција го потпишала Севрскиот договор со кој се обврзала да им даде малцински права на сите народности во Грција што не се етнички Грци. Четири години подоцна, во 1924 година, повторно по сугестија на Друштвото на народите, меѓу Грција и Бугарија бил потпишан познатиот Протокол Калфов-Политис со кој врз реципрочна основа Бугарија се обврзала на грчкото малцинство во Бугарија да му обезбеди малцински права (јазик, училиште и друго), додека, пак, Грција, Македонците од егејскиот дел на Македонија ги признавала како ,,бугарско" малцинство со сите права кои му следуваат.
Меѓутоа, кога идната 1925 година грчката влада презеде конкретни мерки за објавување на првиот буквар (Абецедарот) за потребите на тоа малцинство, таа јасно и ставила до знаење на бугарската страна дека нема никаква основа Бугарија да се интересира за некакво „бугарско малцинство" во Грција, а уште помалку букварот да биде на бугарски јазик. Грчката страна ,,словенското малцинство” во Егејска Македонија го дефинирала како посебна етничка група различна од Бугарите и Србите.
Значи не е Коминтерната првата меѓународна организација кои ја признала посебноста на македонската нација. Парадоксално но вистинито – тоа е Кралството Грција.
Оттука, Букварот т.е. Абецедарот не бил издаден ниту на бугарски, ниту на српски јазик, туку на леринско-битолското наречје. По неговото издавање тој бил дистрибутиран во некои околии од Западна Егејска Македонија (Костурска, Леринска и Воденска) со што соодветните грчки владини училишни власти започнале со подготовките за негово воведување во употреба и организирање на соодветна настава за македонските деца до четврто одделение на мајчин јазик.
Сепак, Кралството Грција никогаш искрено не пристапило кон решавање на ова прашање. Имено, уште на почетокот властите настојувале да изнајдат било каков повод за одлагање на воведувањето на Абецедарот во училишниот систем на Грција. Па така, додека се преземале привидни мерки за отворање македонски училишта, бил инсцениран судир на грчката војска со бугарската кај Петрич, а потоа и организиран масакр врз недолжното македонско население во селото Трлис, Серско. Овие инциденти биле искористени во функција на создавање на несигурност кај Македонците со крајна цел тие самите да се откажуваат од задоволување на нивните малцински права, односно да бараат сигурност преку иселување во Бугарија. Значи главната цел на овие притисоци било да се продуцира иселување на македонското население од Егејска Македонија како би се сменила етничката карта. Со тоа сите напори за задоволување на малцинските права на македонското население би станале безпредметни, што од денешна дистанца се гледа дека ваквата грчка владина политика дала успешни резултати. Поради колонизацијата во 20-те години на XX век, а посебно по егзодусот на македонското население за време на Граѓанската војна од 1949 година, денес етничката карта во Егејска Македонија е значително изменета.
Сепак, иако, Абецедарот практично никогаш не стигнал до рацете на македонските деца, тој сам по себе е едно силно сведоштво за постоењето на многубројното македонско национално малцинство во Грција и обидот на Друштвото на народите со притисок да ја натера Грција да преземе одредени задолженија за задоволување на правата на тоа малцинство.
линкови:
Утрински Весник: Откриен нов буквар во Грција печатен на македонски во 1926 година


